НА ШТО ДА ВНИМАВАТЕ КОГА КУПУВАТЕ КОРИСТЕНО ВОЗИЛО
- Date: 04/11/2024
- Author: autotrader.mk
- Categories: Car Reviews

Листа за проверка при купување на користено возило: На што да обрнете внимание Основни правила за купување користено возило:
- Купувајте со ум, а не со срце: ако нешто не ви изгледа сигурно, не плашете се да се откажете.
- Секогаш ќе има и друг автомобил; одвојте време и не се пренаглувајте.
Детална Листа за Проверка
1. Проверка на моторот
- Истекувања: Проверете дали има истекувања под возилото. Добро одржуваното возило не би требало да има видливи истекувања. Истекувањата од масло се обично кафеави или црни, антифризот е зелен, розов или жолт, додека течноста за серво управувачот е црвено-кафеава. Истекувањето на овие течности бара итна интервенција.
- Масло: Проверете ја бојата и нивото на маслото со помош на мерната шипка (дипстик). Маслото треба да биде на соодветно ниво и чисто. Присуството на талог или нечистотија околу моторот може да укаже на занемарено одржување.
- Глава на моторот: Проверете ја состојбата на "дихтунгот на глава" со одвртување и визуелна проверка на капачето за масло и капачето од разладната течност. Присуството на бел или светло кафеав талог со млечна текстура може да укаже на оштетен "дихтунг на глава". Ова може да предизвика сериозни проблеми и обично е сигнал да се откажете од купувањето.
- Бојата на издувните гасови: Вклучете го моторот и проверете ја бојата на издувните гасови.
- Син чад покажува дека моторот согорува масло – потенцијален знак за проблеми со дихтунгот на глава или внатрешните делови на моторот.
- Бел чад може да укаже на истекување на течноста за разладување, додека црн чад укажува на прекумерно согорување гориво. Кај возилата со турбо полнач црниот чад може да укажува на проблеми со полначот и неговите пропратни делови. Секогаш консултирајте стручно лице ако автомобилот испушта чад со необична боја.
2. Менувач:
- "Ламела": При возењето, точката на зафаќање (каде што автомобилот почнува да се движи) треба да биде на средината од патот на педалата. Ако е преголем или премал, можно е дека ламелата е истрошена и можеби ќе треба замена. Доколку се јавуваат вибрации при поаѓаење, најверојатно ќе треба да се промени целиот сет ("корпа, ламела" итн).
- Рачен Менувач: Менувањето на брзините треба да биде мазно и без отпор или звуци. Кај возилата кои имаат "варијабилен замаец" мора да се посвети особено внимание бидејќи за неговата замена ќе треба да одвоите значителна сума на пари. Педалата на квачилото треба да е мека и без вибрации.
- Автоматски Менувач: Кај автоматските менувачи најбитно е да се провери дали брзините вклучуваат мазно без никакви удари и вибрации за време на промена на брзините.
3. Каросерија
Каросеријата лесно може да се прегледа за надворешни оштетувања.
- Рѓа и оштетувања: Проверете ги рабовите на венците над тркалата, долните страни и панелите за присуство на рѓа или неправилности. Прегледајте ги каросеријата и браниците за знаци на лошо направени поправки или неусогласени панели, што може да укаже на претходна несреќа.
4. Тркала и Гуми
- Гуми: Сите гуми треба да имаат соодветна длабочина на шарата од најмалку 1.6мм и да немаат оштетувања, испукани делови или изразена нерамномерност. Нерамномерно истрошените (сооднос помеѓу внатрешната и надворешната страна) гуми може да укажуваат на проблеми со суспензијата и подвозјето. Гумите треба да се подеднакво истрошени и од внатрешната и од надворешната страна.
5. Внатрешност и Опрема
Внатрешниот дел на автомобилот е добар показател за одржувањето на возилото.
- Тапацир и седишта: Проверете ја состојбата на седиштата, особено деловите кај воланот и педалите, бидејќи тие најмногу се трошат. Седишта со дупки, оштетени тапацири и изразени знаци на користење може да значат и поголема километража.
- Опрема: Проверете ги сите електронски функции – светла, прозорци, систем за климатизација, централно заклучување и радио конзола.
- Багажник: Проверете го багажникот во делот кај резервното тркало, за влага, протекувања и корозија.
6. Пробно Возење
- Звук и Вибрации: Слушајте за невообичаени звуци, внимавајте на вибрации при возењето и на реакцијата на кочниците. Проверете го автомобилот на различни брзини и услови.
7. Документи
- Историја на автомобилот: Побарајте го документот за историјата на сервисирање. Овој документ ќе ви помогне да ја проверите вистинската состојба и историјата на автомобилот.
- Историја на возилото: Извршете проверка за да се осигурате дека автомобилот не е пријавен како оштетен, украден или дека нема неплатен долг. Ова може да биде клучно за безгрижно купување.
Со следење на оваа листа, можете значително да ги намалите ризиците при купување користено возило.